Состанок на ОБСЕ Тројката во рамки на ПФД

20 јуни 2022

На маргините на овогодишниот Преспа форум за дијалог, на 16 јуни 2022 година се одржа состанок на Тројката претседавачи со ОБСЕ: министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и во име на шведската министерка за надворешни работи, амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон. На состанокот учествуваше и на Генералната секретарка на Организацијата, Хелга Шмит.

На состанокот се разговараше за актуелните безбедносни ризици со кои се соочува регионот на ОБСЕ и улогата на Организацијата во справување со истите. Притоа, актуелниот претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Полска Збигњев Рау информираше за нивното досегашно искуство во дадениот контекст и предизвиците со кои се соочуваат во имплементацијата на нивната агенда.

Министерот Османи истакна дека почитувањето на заеднички утврдените принципи и заложби на Организацијата не смеат да биде доведени во прашање и дека Тројката на ОБСЕ активно ќе работи на нивна заштита и промоција.

На состанокот беше усвоена и заедничка изјава со која меѓу другото беше реафирмирана осуда на агресијата од страна на Руската федерација врз Украина и беше упатен повик за итна деескалација.

 

 

Охрид, 16 јуни 2022 г.